Sveti Ilija

Индекс на артикл

Господ во својата Црква за видливи органи најнапред ги поставил своите апостоли и ги снабдил со благодатна сила и абсолутна власт да учат, поучуваат, опростуваат или не опростуваат гревови; непокорните членови да ги исклучуваат од Црквата како незнабошци: “ Еве ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди; …, “ Кој ве слуша вас, Мене ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што ме пратил”. ( Лк. 10.19,16). И понатаму На кои ќе им ги опростите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат”. ( Јн. 20.23).

Да обрнеме внимание на ова, иако Господ Исус Христос го следеле и слушале многу луѓе, Тој оваа власт ја дал исклучиво и само на своите апостоли (седумдесетте и на дванаесетте). Оваа вистина ја потврдува и Христовата првосвештеничка молитва во која Тој се моли за своите апостоли (освен за едниот кој што го предаде) и само нив им ја посветува Вистината, и само нив им го предава Зборот Божји; и само нив ги праќа во светот да го проповедаат Евангелието. (Јн. 17).

Ова е навистина многу битен доказ преку кој на прав начин би го сфатиле и разбрале вековното устројство на христовата Црква. Оваа власт понатаму преку апостолите – преку полагање раце (ракополагање), се пренесувала на сите понатамошни пастири на Црквата, па се до денешни денови и до крајот на времето кое се нарекува (апостолско преемство): “ Па откако им ракоположија свештеници за секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале”. ( Дел.ап. 14.23).

Од сето ова до сега изложено можеме да заклучиме дека без апостолско преемство и ерархиско устројство-​поредок, неможе да се зборува за Црква – туку само за секта.

Што се однесува за “ сеопштото свештенство”, кое го заговараат скоро сите секти, како што веќе понапред видовме, Светото Писмо е категорично – од тоа нема ништо! Затоа што само еден е Патот, Вистината и Животот, а тоа се наоѓа само во Црквата Христова, бидејќи Таа е: “столб и тврдина на Вистината” (1Тим. 3.15).

Бог е глава и животен принцип на Црквата, и Тој е Вистината. (Јн. 14.6; 8.14,45) Според тоа, Црквата е од Вистината (Бога) и на Вистината создадена, во Неа се содржи Вистината. Таа ја проповеда и шири Вистината ширум светот, ја чува и брани од оние кои Неа сакаат да ја изопачат и преобразат во лага. (Дел. Ап. 20.29,30).

Во тоа Црквата успеа преку силата на Оној Кој во Неа живее и со Неа управува (Еф. 5.29) потпирајќи се на ветувањето Господово: ”…ќе ја соѕидам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат,…и еве Јас сум со вас до свршетокот на светот” ( Мт. 1618ч 28.1920). Ова ветување првенствено се однесува на Црквата Негова, затоа што Го дал само на Своите апостоли, кога бил насамо со нив, а тек потоа може да се разбере како порака кон сите луѓе кои веруваат во Него и кои веќе се наоѓаат во Неговата Црква.

Стапувајќи во верата, преку крштението и останатите свети Таинства, луѓето стапуваат во органско духовно единство со Бога, постануваат органи на духовното тело Христово (Еф. 1.23); храмови на Светиот Дух (1Кор. 3.16; 6.19). Господ тоа единство појасно го претставил, споредувајќи се Себе со лоза, а членовите на Црквата со прачки. “ Бидете во Мене, и Jас ќе бидам во вас. Како што прачката неможе да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките, и којшто е во Мене и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат. Јас сум вистинска лоза, Мојот Oтец е лозарот. Секоја прачка што не дава плод, Он ќе ја исече и секоја што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод”. (Јн. 15.46,12).

Приредил протоереј Константин Митровски

1775 Bris­tol Road West
Mis­sis­sauga Ontario L5M 2Y5 Canada

1 (905) 82180550

moc@​st-​ilija.​ca

Дома Духовност Црквата Христова ( I дел )