Sveti Ilija

Поучни слова

Стари чевли

Некој млад студент тргнал на прошетка со својот професор. Додека шетале и разговарале, на спротивната страна од патот здогледале еден пар стари

чевли, што по сè изгледа припаѓале на некој сиромашен селанец, кој работел во близина во својата нива и веќе привршувал со својата работа.

Студентот му рекол на професорот: „Ајде да се пошегуваме со овој селанец. Ќе му ги сокриеме чевлите а потоа ќе се засолниме зад грмушките и ќе посматраме што ќе направи, додека ги бара.“

Професорот му одговорил: „Момче, никогаш немој да се шегуваш на сметка на туѓата неволја и беда. Но бидејќи си богат, можеш да си причиниш поголемо задоволство од ова. Стави по една златна паричка во секој чевел, а потоа ќе се сокриеме во грмушките и ќе ја набљудуваме неговата реакција.“

Студентот направил така и обајцата се сокриле зад некоја грмушка во близината. Селанецот ја завршил својата работа и наскоро дошол од полето до местото каде што ги имал оставено своите чевли и своето палто. Додека го облекувал палтото, едната своја нога ја ставил во чевелот и почувствувал дека има нешто во него. Отпрвин помислил дека е камче, но набрзо сфатил дека тоа е златна паричка.

Сиот зачуден го погледал златникот, се завртел наоколу и потоа замислено го набљудувал некое време. Повторно се свртел наоколу, но не видел никого. Ја ставил паричката во џебот и тргнал да го облече и другиот чевел. Но на свое големо изненадување, и во него пронашол златник. Наеднаш го совладале чувствата и тој паднал на колена, ја подигнал главата кон небото и започнал да кажува молитва во знак на благодарност. Во својата молитва тој спомнал за својата тешко болна и беспомошна жена, за своите деца кои немаат ни леб за јадење, а сега благодарение на невидливата рака која му ги испрати златниците, најпосле ќе бидат спасени.

Студентот стоел длабоко трогнат и со солзи во очите.

Професорот го прашал: „ Да се пошегуваше со него, како што намераваше, зарем тоа ќе те направеше посреќен отколку што си сега?“

Младиот човек одговорил: „Професоре, ми дадовте лекција што никогаш нема да ја заборавам! Сега навистина ги разбирам зборовите што претходно не ги сфаќав: Поблагословен е оној што дава, отколку тој што прима!“

Затоа кога можеш да направиш добрина, не жали поради тоа. Само следи го патот на вистинските вредности.

1775 Bris­tol Road West
Mis­sis­sauga Ontario L5M 2Y5 Canada

1 (905) 82180550

moc@​st-​ilija.​ca